Ликовната колонија во Галичник се организира секоја година во месец август. Првата колонија од овој вид била организирана во 1990 година, благодарение на залагањата на сликарот Нове Франговски. Колонијата традиционално се одржува во Хотелот Неда, а е финансиски поддржувана од Министерството за култура на Република Македонија.
На изминатите колонии твореле уметници од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Романија, Британија, Јапонија, Италија, Унгарија, Германија и др. Уметничките дела, слики и скулптури се прикажуваат на секои две години на соодветни изложби.
Ликовната колонија Галичник, која ја основа Нове Франговски (1939-2017), отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори. Целта не е репетитивност во изборот на автори, квантитет на продукција, л’арт пур л’арт оправданост во импресионистичкиот манир, туку една современа форма на промоција на уметноста, која ќе овозможи квалитетни средби, резиденција во визуелен јазик адекватен на современите текови во уметноста, манифестација која ќе овозможи суштински контакти клучни во создавање на уметничко вмрежување кое пак од друга страна е плодно тло за афирмација на македонската култура и уметност во светот.