Преданија за пештерата Алилица
Алилица е пештера која се наоѓа на неколку километри источно од Тресонче. Според првото предание, понапред си бил некој овчар по име Алил, кој во месноста Гуменце си ги чувал овците и шилежињата. Овците оттаму презимувале во солунско, крај реката Галик, а шилежињата останувале во Гуменце. Но, Алил се покажал голем арамија, па ги крадел јагнињата што останувале во планината. Ги колел едно по едно и ги пуштал кон Тресонче по реката, каде ги дочекувала сестра му. Сточарите го забележале, па и него го отепале и го фрлиле во пештерата, што подоцна ја завикале Алилица.
Според второто предание, во старо време си бил некој Алил Паша. Еден ден се враќал од собирање арач (данок), но во близина на пештерата го нападнале арамии. Тој го засолнил азното во пештерата, па според некои кажувања после се вратил и си го земал, а според други, азното сѐ уште е некаде во пештерата?!
Според третата легенда, си била некоја Лила која исчезнала. Селаните тргнале да ја бараат и викале: “Ооо, Лилице, ааа Лилице, а-лилице, Алилице!!!” Не се знае дали Лилица некој некогаш ја пронашол.