Манастирот посветен на Св.Георгиј Победоносец во селото Рајчица е возобновен со голем труд и залагање на игуменот на Свештената Бигорска Обител, Архимандрит Партениј. Тој, со голема почит кон Победоносецот, заедно со неговите во Христа браќа, не само што го подигна од темел, туку и духовно го заживеа неговиот свет дом. Имено, во периодот после втората светска војна манастирот на Свети Георгиј бил целосно запуштен, при што од конаците имаше останато само неколку простории, оставени на заборав и веќе на распаѓање. Сепак големата желба и силна вера на Архимандрит Партениј не останаа без плод. По милоста Божја, подготовките за возобнова започнаа уште во летото 1999 година, а на самиот ден Крстовден 1999 година, во присуство на Митрополит Тимотеј, беа преосветени темелите на новите манастирски конаци, кои за нешто повеќе од една година како феникс се издигнаа врз темелите на стариот манастирски комплекс.
Веќе на 4 јуни 2001, манастирот беше осветен и оттогаш постои како активен женски манастир под духовно покровителство на Бигорската обител. Црквата под водителство на игуменот Арсениј (1807-1839) е изградена врз темелите на постара црква од XVIти век и изобилува со богат фрескопис изработен од рацете на јеромонах Даниил и татко му Михаил, како и на Дичо Зограф – познати зографи од XIX век. Овој фрескопис е во целост зачуван и претставува значаен дел од богатата ризница на културно-историското наследство на македонскиот народ. Бидејќи манастирот е од отворен тип, постојано е посетуван од гости, верници и туристи кои во оваа светилиште наоѓаат силна духовна поткрепа и мир.