До селото Битуше се пристигнува по тесен и стрмен планински пат, кој поминува низ Ростуше. А на неколку километри оттука низ густата шума се наоѓа и глацијалното езеро Локув, едно од најниските леднички езера во Македонија. Интересен простор за еднодневна посета, но и за кампување и за уживање во прекрасната природа. Вистински предизвик за вљубениците во природните убавини.
Патеката почнува од храмот „Св. Кирил и Методиј“, скит на Бигорскиот манастир, кој треба да функционира како летна школа за веронаука на млади во Македонија.
Погледот недвојбено ќе ви застане и на огромните карпи горе кон Крчин. Како куриозитет, токму во тој правец се наоѓаат остатоците од некогашна црква. Интересно е што влезот од некогашната црква се наоѓа на албанска територија, додека олтарот е на македонска страна. Според кажувањата на монасите, големиот христијански празник Преображение Христово до пред осумдесетина години се одбележувал со искачување на голем број верници од двете страни на планината Крчин и со заедничко чествување на врвот, на 2.341 метар надморска висина. Од 2016 година, на иницијатива на братството од манастирот „Св. Јован Бигорски“ повторно се враќа традицијата на посета на црквата.
Но, патеката кон глацијалното езеро е значително поблага и полесна од искачувањето на Крчин. Локув е најпознатото од Дешатските леднички езера.
Движејќи се низ буковата шума,вниманието постојано го одвлекуваат соседните планини и доминантни врвови.