Лазарополе е познато мијачко село, се наоѓа во Реканскиот крај во близина на градот Дебар на падините на планината Бистра на височина од 1350 метри надморска височина.
Според повеќе валидни извори се смета дека настанало во XV век, а името на селото се поврзува етимолошкото објаснување на поимот лазор кој на старословенски јазик означува голем отворен простор.
Постои предание од локалното население за легендата за Калина мома која заедно со селаните од Главино село бегајќи од Турците се сокриле во пештерата Калина дупка и по некое време мислејќи дека опасноста поминала Калина почнала да пее од радост дека се спасиле. Нејзиното пеење го слушнале војниците се вратиле и подметнале пожар на влезот од пештерата, од чадот се загушиле сите освен Лазар кој подоцна го основал селото Лазарополе.
Населението се занимавало со овчарство и производство на млечни производи, кои ги нуделе на пазарите во Солун и пошироко во Египет, САД и други држави.
Како последица на Балканската војна во целиот Рекански регион замрува сточарството и населението масовно се иселува во другите делови на Македонија но и многумина заминуваат во сите делови на светот како печалбари.Денес во Лазарополе има малку постојани жители, иселените се враќаат во лето или за големи празници кои се слават на Илинден, сите верски празници и на пролет за време на цветањето на нарцисот за кои мештаните организираат фестивал наречен Лазарополе цути.
Културни знаменитости се главната селска црква Св. Великомаченик Георгиј која била изградена во XIX век, по иницијатива и заложба на славниот Ѓурчин Кокалески Кокале. Постои голема можност за сите кои ја сакаата природата и планинарењето како и планинскиот велосипедизам да уживаат во Лазарополе. Едно од најинтересните места, кое се наоѓа на средината меѓу Тресонче и Лазарополе, а кое овозможува директно „вкусување“ на природата, е прошетката низ шума до врвот Соколица (1471 м н. в.). Триесет до четириесет минутна прошетка која започнува од Лазарополе погодна е и за фамилијарно раздвижување бидејќи е кратка и не е воопшто напорна. Има одлична маркација што ќе ве одведе до самата карпа така што не е потребна некоја посебна претходна подготовка. Попатно ќе наидете на малата црква „Свети Спас“, а кога ќе стигнете на самата карпа каде што е поставен крст ќе ве воодушеви погледот наоколу. Вистински соколов поглед, од далеку кон Лазарополе, почетната дестинација која сега наликува на големо гнездо, поглед кон селата Осој и Могорче, поглед кон околните планини и врвови кои се издигнуваат насекаде околу вас, а под вас Тресонечка Река.
Пред неколку години старата месна заедница е реновирана и адаптирана во убаво уреден хотел со 16 пространи соби и ресторан во кој може да се проба локална традиционална храна и прочуеното овчо сирење и кашкавал од пасиштата на Бистра планина.
Историјата и културата на мијачкиот народ е интересна за сите а во Лазарополе е на дофат да се почувствува една уникатна приказна за луѓе кои живееле и твореле со почит кон семејните вредности, татковината и природата.