Етно ресторан „Куќа на Мијаците“ – Ethno Restaurant “House of Mijaks”

септември 16, 2016

Етно-ресторанот „Куќа на Мијаците“ се наоѓа во историски најзначајниот крај на Р. Македонија, во славната Мијачија, која ги дала најзначајните македонски народни будители, општествени дејци, духовници, писатели, градители, уметници… Тука, впрочем, започнала македонската националната пробуда, тука биле отворени првите народни училишта, тука бил и зародишот на современата македонска држава. Напојувано од бистрите води на православната христијанска вера, славјано-македонското племе Мијаци оставило голем и траен белег на духовната култура на македонскиот народ, што, пак, силно се одразило и на материјалната култура. Токму затоа, „Куќата на Мијаците“ изградена целосно во духот на традиционалната мијачка архитектура. Всушност, направен е еклектизам од разновидните мијачки стилови на градска и селска архитектура од сите места каде што се распространиле Мијаците, при што од сите тие стилови се избрани најпрефинетите елементи. „Куќата на Мијаците“ е составена од приземје и два ката. Најгоре се сместени четири гостински соби за преноќевање. Останатите две катни површини, со зафатнина од околу 500 м2, се наменети за ресторанот: има повеќе простории – одаи, украсени со традиционални дрвени таваници и розети, камини, мозаици, складно разиграна орнаментика во преродбенски стил, карактеристична за мијачките простори од 19 век, старински лустери и ламби, дрвени миндери и паравани… Дополнителен принос за автентичноста на амбиентот е и тоа што келнерите и останатите вработени се облечени во стилизирани мијачки носии. Посебна убавина на „Куќата“ ѝ даваат двата пространи отворени чардаци, едниот на приземјето, а другиот на првиот кат, кои се одликуваат со прекрасен поглед кон река Радика и кон зелената горска шума. Исто така, пријатно и спокојно место за седење е и широката летна бавча, што се наоѓа во дворот на „Куќата“. Освен прекрасната орнаментика, ѕидовите на „Куќата на Мијаците“ ги красат и црно-бели фотографии од истакнати македонски духовници, војводи, преродбеници, учители, општественици, уметници…, родум Мијаци, но и од сегменти од секојдневниот мијачки живот, обичаи, носии и т.н. Сето тоа, архитектурата, ентериерот и екстериерот, внатрешната содржина, орнаментите и фотографиите, храната, музиката и амбиентот, ја прават „Куќата на Мијаците“ многу повеќе од обичен етно-ресторан; всушност, таа претставува еден вид ресторан-музеј, една своевидна спомен куќа на славното мијачко минато. Навистина, „Куќата на Мијаците“ е еден прекрасен украс во долината на бистрата Радика, украс толку хармонично вклопен со целата природа, што човек, кога ќе ја погледне, има впечаток дека таа едноставно е срасната и сродена со сета околина и го облагородува целиот простор. Таа е место каде што човек може слободно да отпочине од секојдневните обврски и грижи, и спокојно да заплови низ минатите векови, да научи нешто повеќе за историјата на тој крај и да се насладува од прекрасната атмосфера и храна.

Резервирајте Мијачка одаја

Потребните полиња се означени со *



Поврзани настани