Помеѓу спокојната тишина и живописната природа, на аголот по патот кој води кон Бигорскиот Манастир, покрај реката Радика – се наоѓа првиот ресторан етно-музеј на македонската мијачка култура
„Куќа на Мијаците“.
Објект кој плени со историјата што ја раскажува, исто колку и со импозантната архитектура, има за цел да придонесе кон развојот на верскиот и селскиот туризам во мијачкиот крај во Западна Македонија.
Објект, кој плени со својата архитектура, изградена од камен, целосно во духот на традиционалната мијачка култура. „Куќата на Мијаците” е составена од приземје и два ката. Има четири гостински соби за преноќување. Другите два ката со површина од околу 500 м2 се наменети за ресторанот со повеќе простории, украсени со традиционални дрвени таваници и розети, камини, мозаици, складно разиграна орнаментика во преродбенски стил, карактеристична за мијачките простори од 19 век, старински лустери и ламби, дрвени миндери и паравани…
Дополнителен принос за автентичноста на амбиентот е и тоа што келнерите и останатите вработени се облечени во стилизирани мијачки носии.
Освен прекрасната орнаментика, ѕидовите на „Куќата на Мијаците” ги красат и црнобели фотографии од истакнати мијачки духовници, војводи, преродбеници, учители, општественици, уметници…, но и од сегменти од секојдневниот мијачки живот, обичаи, носии.
Посебна убавина на „Мијачката куќа”, даваат двата пространи отворени чардаци, едниот на приземјето, а другиот на првиот кат, кои се одликуваат со прекрасен поглед кон реката Радика и кон зелената горска шума. Исто така, пријатно и спокојно место за седење е и широката летна бавча, која се наоѓа во дворот на куќата.
Сето тоа, архитектурата, ентериерот и екстериерот, внатрешната содржина, орнаментите и фотографиите, храната, музиката и амбиентот, ја прават „Куќата на Мијаците” многу повеќе од обичен етноресторан; всушност, таа претставува еден вид ресторанмузеј, една своевидна спомен куќа на славното мијачко минато.
Навистина, „Куќата на Мијаците” дојде како еден прекрасен украс во долината на бистрата Радика, украс толку хармонично вклопен со целата природа, што човек, кога ќе ја погледне, има впечаток дека таа едноставно е срасната и сродена со сета околина и го облагородува целиот простор. Таа е место каде што човек може слободно да отпочине од секојдневните обврски и грижи, и спокојно да заплови низ минатите векови, да научи нешто повеќе за историјата на тој крај и да се насладува од прекрасната атмосфера и храна.
Од самите наши гости и од заменик директорот James Waters (Џејмс Вотерс), нашиот етно-ресторан е оценет како најдобар и најпопуларен ресторан, со високо квалитетна услуга и храна, прекрасен амбиент, и како таков е препознаен не само во Република Северна Македонија, туку и многу пошироко. Тоа е предизвик сите ние да работиме уште попосветено, за да измамиме уште повеќе насмевки и уште позадоволни посетители.
Целиот објект и уредувањето е изработен според стилот на Бигорскиот манстир а по идеја на старецот и Игуменот Партениј
Copyright © Куќа на Мијаците, Сите права се задржани