Етно ресторанот „Куќа на Мијаците“ е еден своевиден музеј на Мијаците. Тоа прочуено име е тесно
поврзано со историјата, културата и традицијата на овој живописен крај. Етнолозите сметаат дека
славното мијачко племе, коешто ги дало нашите најистакнати црковни, просветни, културни и
општествени дејци, потекнува од некој древен царски или благороднички род, според историските
податоци од самоиловото царство. Во прилог на оваа претпоставка е и високоразвиената духовна
и материјална култура на Мијаците. Низ историјата тие се одликувале со највозвишените човечки
карактеристики: вера, благочестие, родољубие, целомудреност, ученољубивост, трудољубие,
храброст, решителност. Напојувани од бистрите води на православната христијанска вера, тие
оставиле голем и траен белег на духовната култура на македонскиот народ, што, пак, силно се
одразило и на материјалната култура. Како мошне добри еснафи, трговци, печалбари, работници,
уметници, Мијаците умееле да го впијат најдоброто и најубавото од различните култури со кои се
среќавале, и наученото да го воплотат во својот секојдневен живот. На тој начин се создала една
посебна мијачка култура, којашто се карактеризира со високи естетски дострели. До ден денес
надалеку се прикажува за посебно убавата мијачка архитектура, за уникатната, аристократска
мијачка носија, за длабоките по значење, народни мијачки обичаи… А тука е, секако, и
традиционалната мијачка храна, препознатлива по гурманскиот префинет вкус. Навистина,
Мијаците во секој поглед ни оставиле едно богато и значајно наследство.
Токму тоа културно-историско наследство и традиција беше поттикот да се создаде оваа „Куќа на
Мијаците“, која е изградена потполно во стилот на мијачката градителска традиција и има за цел
да го доближи до Вас духот на мијачката култура од секој аспект: местоположба, амбиент, историја,
храна…
Етно ресторанот просто никна од една речиси руинирана куќа, вратена на Бигорскиот Манастир со
денационализацијата, која беше целосно реконструирана и доградена, на иницијатива и идејно
решение на бигорскиот игумен Архимандрит Партениј, за да го добие денешниот прекрасен изглед
што плени и носталгично нѐ враќа во едни минати славни времиња.
Иако на прв поглед целиот овој ангажман оди во прилог на заложбите за развој на туризмот во
Реканско-Полошкиот регион, заради специфичната понуда и примамливата дестинација, мисијата
на манастирот не е од примарно профитабилен карактер, туку оди многу подлабоко и има цел
комплетно заживување на крајот, со отворање на нови работни места, населување и урбанизирање
на руралните средини и создавање на поповолни услови за живот, што од своја страна ќе разбуди
интерес кај младите да останат и живеат во Македонија.Надворешниот дел од ресторанот го зафаќа
една голема површина со отворени чардаци со капацитет од 250 седишта, а во самиот објект се
поместени живописен доксат, лазаровска и галичка одаја како и затворен чардак со 90 седишта.
Менито е еден богат избор на традиционална Македонска и Мијачка храна со специфични и
префинети Мијачки специјалитети, традиционално подготвени во фурна на жар, или на ражен…
Како што се: лазаревско телешко, тајната на мијаците, осојско ќофте, јагне прасе и јаре на жар,
печалбарско… Самиот леб, пак, е според манастирски рецепт, а тука се и вкусните пити кои
секојдневно се месат. Дури и бакарданот, кој е дел од нашата понуда, се подготвува на
традиционален начин, во траење од неколку часови.Сместувачкиот капацитет опфаќа неколку
двокреветни и трикреветни соби.